Врховниот суд донесе одлука со која ја оспорува надлежноста на СЈО да води нови истраги. Имено , СЈО може да покрене обвинение во период не подолг од 18 месеци од преземањето на предметите и материјалите од неговата надлежност, и по истекот на тој рок не е овластен тужител за преземање на предистражни и истражни дејствија предвидени со Законот за кривична постапка.
Ова е денешниот заклучок од денешната општа седница на Врховниот суд зад затворени врати за иницијативата поднесена од двајца адвокати Боро Тасевски и Еленко Миланов, кои се бранители на обвинети во повеќе случаи на СЈО. Со ваквиот став на Врховниот Суд станува проблематична надлежноста на СЈО врз предметите Империја и Талир, како и истрагите и предистражните постапки кои сега се водат во ова обвинителство. Неофицијално од 19 врховни судии присуствувале 17 а одлуката Врховен ја донел со огромно мнозинство.
Со ова одлука, врховните судии сметаат дека СЈО нема надлежност да ги води предметите како „Империја“, „Актор“, „Попис“ и уште многу други кои ги превзеде од редовното обвинителство. Покрај тоа се доведува и под знак прашалник опстојувањето на обвинеието за незаконското финансирање на ВМРО ДПМНЕ и незаконската изградба на партиското седиште под име Талир за кој веќе е и определен датум за судење во кој обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Но и десетици отворени истраги како Попис во кој осомничени се Груевски и Али Ахмети, Моќник – во кој осомничен е Антонијо Милошоски, Актор – во кој меѓу осомничените се Груевски и Јанакиески, но и Друмарина во кој е осомничена Силвана Бонева.
Од Специјалното обвинителство засега нема коментар за мислењето на Врховен.