Македонија

Мицкоски за ФАЦ: Груевски и Владата имаат „валкан дил“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го обвини неговиот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.

Под наслов „Постојано нови барања за Северна Македонија“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” донесува подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ.

„Проширувањето на ЕУ повторно може да се ‘сопне’ на вето, зашто Бугарија ја блокира Северна Македонија. Шефот на опозицијата во Скопје се жали дека Софија систематски ја минира македонската државност“, пишува весникот, потсетувајќи на бројните перипетии со кои е проследен македонскиот евроинтегративен пат.

„На случајот на Северна Македонија идните недели би можело да се види дека европската политика на проширување и натаму е заглавена во ќорсокак. Земјата се наоѓа кратко пред повторна блокада на нејзиниот пат кон ЕУ, и тоа на непредвидливо време…

Земјата направи многу за да почне пристапни преговори, на барање на Грција го промени името во 2018 година и од Македонија стана Северна Македонија. Сега владата во Скопје е подготвена да се повини и на бугарското барање за влез во уставот на бугарското малцинство, но за уставни измени фали неопходното двотретинско мнозинство,“ пишува ФАЦ.

„Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата“, тврди Мицкоски

За да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови, тврди Мицкоски. Таа планира да му вети кривична неказнивост на во Унгарија побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.

На почеток