Македонија

И пред 82 години бевме на вистинската и праведна страна на историјата: Вечна благодарност и слава за пожртвуваните и решителни борци кои ја извојуваа слободата

Пред 82 години со акција на групите на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ е означен почетокот на антифашистичката борба во земјава во Втората светска војна. Истиот ден, борци на Првиот прилепски партизански одред ја нападнаа телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна. Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности. Македонскиот народ заедно со припадниците на останатите заедници самостојно се избори за својата слобода.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава.

И пред 82 години бевме на вистинската и праведна страна на историјата. Вечна благодарност и слава за пожртвуваните и решителни борци кои ја извојуваа слободата. Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание. Непокор и слобода!

На почеток