Македонија

(Видео) КАТО-системот функционирал, проблем на Онкологија имало и во 2012 година – Тодоров сведочи пред пратениците

Ексминистерот за здравство, Никола Тодоров, седна во собраниските клупи на испрашување од пратениците дел од Анкетната комисија за Онкологија. Тој говореше дека во 2012 година, детектиран бил проблем на Клиниката за онкологија и реагирале.

„Беше поднесен акт до обвинителството, што направило – не знам. Не е моја ингеренција. Директорката беше разрешена. Го расчистивме случајот. Но тој тогаш случај и овој сега – се различни. Не стануваше збор за недавање терапија или изнесување на терапија од Клиника, туку, од тоа што се сеќавам, беше извлечена повеќе количина на лек пред истекот на договорот, во услови кога имавме нов договор со пониска цена. Повлечен е лек кој е поскап, а веќе имавме лек со помала цена. Која била намерата на директорот – не знам, ама преземавме мерки и го расчистивме случајот“, рече Тодоров.

За КАТО-системот, кажа дека во тој период почнал да функционира, кон крајот на мандатот.

„Кога престанал да функционира и зошто не знам. Штета е што престанал да функционира и што не се спровело дополнителен развој на овој систем. Тој има софтвер и хардвер, не знам колку пари беше набавен. Онкологија го набави. Тој систем требаше и мораше да се надгради. Требало да се набави комора, да, таа е за дезинфекција. Требало системот да се поврзе со болничкиот и информатичкиот систем. Тоа е исто надградба“, додаде Тодоров.

Посочи дека не му паднало на памет дека некој може да краде лек, туку бил набавен системот поради дозирањето.

„Идејата со КАТО-системот беше да се дозира за цела Македонија, бидејќи се работеше со скапи лекови. Да се подготви терапијата, да се дистрибуира, чува и аплицира. Тоа беше предноста на системот. Дали и кога е престанат да се користи, не знам. Веројатно дали кон крајот на 2017 почеток на 2018 – не знам“, посочи тој.

Тој смета дека и без КАТО-системот, ако се почитувале другите правила – не можело да има пропуст.

„Може да има пропуст само ако украде некој лек. Со тумор-бордот, не може да има грешка. Тумор-бородот предлага кој каква терапија да добие. Тумор-бордот предлага терапија само доколку ја има. Не може да предложи терапија која ја нема“, објасни Тодоров.

To Top