Гури од ДУИ со телефон во болничка соба, наместо во притвор во ќелија поради опасност од влијание врз сведоци


Ексфункционерот на ДУИ, Исмет Гури, со телефон ги поминувал притворските денови, кои наместо во ќелија во затворот „Скопје“ во Шутка, ги издржува на Клиниката за неврологија, дознава „Скопје1“. Во болничката соба бил направен претрес, поради сомневања дека поседувал недозволени предмети. Бил пронајден телефонот, а се проверува и кој му го донел, но и како затворската полиција која го обезбедува – тоа не го забележала.
Гури остварувал контакти со луѓе од надворешноста, додека предметот во кој тој е обвинет е во најсензитивна фаза на истрага. Токму можноста за влијание врз сведоци, но и опасноста за бегство се причините поради што Кривичниот суд му одреди притвор. Гури успеа речиси сите притворски денови да ги помине надвор од ќелија, лекувајќи се од клиника на клиника.
„Скопје1“ дојде до точни податоци. Тие покажуваат дека скоро два месеци е хоспитализиран на Клиниката за неврологија. Тој помина 79 дена од притворот, одејќи од клиника на клиника. Според нашите информации, тој прво бил на Клиниката за пулмологија каде останал шест дена, по што е вратен во затворот во Шутка. Потоа, од притворското одделение го носат на Клиниката за ендрокринологија каде хоспитализацијата му трае 24 дена. Од таму, тој не се враќа во ќелија, туку судот одобрува лекување на Клиниката за неврологија.
Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е вплетен во организирана шема за правење даночна измама, објави Обвинителството. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна измама, од вкупно 15 лица, кои биле под истрага. Ќе одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син, парите ги добивале преку генерирање фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде што бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ.
