Македонија

Гури од ДУИ побрз со бегството од судот со одлуката – полицијата тргнала да го врати зад решетки

Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, избегал во моментите кога полицајците требало да го вратат во затворот „Скопје“ во Шутка, дознава „Скопје1“. Тој осум дена беше во домашен притвор определен од судија на претходна постапка. „Скопје1“ од судски извори дознава дека вчера било донесено решение од Кривичен совет со кое Гури требало да биде одново вратен во истражниот затвор, а на него веќе му се губи секоја трага.

Судијата на претходна постапка од Кривичен суд го извади Гури од истражниот затвор три дена пред Нова година. Тој беше пуштен во домашен притвор. Нему секојдневно му биле правени контроли од службеници од полициската станица Бит Пазар. Ваквата одлука била преиначена бидејќи според Кривичниот совет, Гури можел да избега и да влијае на сведоци. Но, функционерот од ДУИ, беше побрз од судиите.

„Скопје1“ побара одговори од судот за овој случај, во однос на тоа кој судија ја донел одлуката за пуштање во домашен притвор, но и кога е преиначена одлуката за да му се одреди нов ефективен притвор. Оттаму очекуваме одговори.

По него е распишана потерница, а полицијата од вчеравечер постапува. Таа се уште не е објавена на веб-сајтот на МВР, но е доставена телеграма до сите единици при МВР, како и до граничните премини.

Гури беше во ефективен притвор по отворање на истрагата. Откако влезе во затворот „Скопје“ постојано се жалеше на здравствени проблеми, па затворската полиција го шеташе од клиника на клиника по налог на судот.

Додека беше во ефективен притвор, Гури најголем дел од времето го поминуваше во болница. Затворската полиција го шеташе од клиника на клиника по налог на Кривичен суд. Гледано во денови, тој подолго време е на лекување отколку што бил во притворското одделение на затворот.

„Скопје1“ објави дека додека беше во болница, кај него беше најден и телефон. Гури остварувал контакти со луѓе од надворешноста, додека предметот во кој тој е обвинет е во најсензитивна фаза на истрага.

Функционерот на ДУИ, Исмет Гури, е вплетен во организирана шема за правење даночна измама, објави Обвинителството пред неколку месеци. Тој е третоосомничен за сторено злосторничко здружување, перење пари, даночна измама, од вкупно 15 лица, кои биле под истрага. Ќе одговараат за злосторничко здружување, како и перење пари. Според Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Гури и другите обвинети, меѓу кои е неговиот син, парите ги добивале преку генерирање фиктивни побарувања кон Управата за јавни приходи, каде што бил вработен функционерот на ДУИ. Во тоа време Гури е раководно лице во УЈП. Освен основачи на фирми, има и вработени во УЈП и Министерството за финансии. Целата шема била фиктивно да враќаат ДДВ.

На почеток