Македонија

Коледарската песна уште рано утрово одекнуваше во сите домови

Фото: Илустрација

Коледарската песна која уште рано утрово одекнуваше во сите домови, го најави Божик. Денеска е коледе, утре е Божик, изутринава се слушаше пред сечија порта. Првите весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие се нашите земни ангели. Коледарите со песна и торби во рацете го најавија Христовото раѓање. Костени, ореви, јаболка, бонбони и по некоја паричка. Најмладите ги ширеа торбите, а домаќините го испочитуваа обичајот што се негува со години. Ги даруваа коледарите за прекрасната вест што им ја носат.

Според македонските обичаи, славењето на божикните празници започнува на 5 јануари. Вечерта спроти Бадник, првите коледари го палат коледарскиот оган и притоа се пеат песни, се игра и се пие греана ракија. На тој начин се „бркаат“ злите духови од земјата. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес, како и во минатото, во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокнуваат.

Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божиќ. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.

Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли, чувства и волја кон Него.

На почеток