Киднапирана, врзана, качена во гепек, однесена во село Бразда – осомничените сведочеле за целиот тек на убиството на Вања
Вања Ѓорчевска била киднапирана во влезот на зградата каде живеела. Осомничените сведочеле дека ја чекале откако добиле информации од организаторот Љупчо Палевски-Палчо, кој е во бегство. За Палчо пак, кажале дека информациите ги добил од таткото на Вања, извесен Александар. Вања била врзана и ставена во вреќа. Убиена е надвор од Скопје. Осомничените сведочеле и како го копале гробот.
„Утврдено е дека двете од лицата, кои биле со ‘цитроенот’, а откако претходната вечер ја добиле информацијата дека девојчето ќе биде само, го земаат од влезот на зградата, со врзани раце и нозе го ставаат во вреќа за спиење, го изнесуваат, ставаат во гепек. Пред ‘цитроенот’ има возило ‘рено канго’. Однесено е на локација надвор од Скопје, а потоа е запалено возилото“, кажа Спасовски.
Убиството било извршено во атарот на село Бразда, Чучер Сандево.
Според истрагата, исказите покажале дека работите излегле од контрола бидејќи Вања се бара насекаде, па осомничените се решаваат да ја убијат, па да мислат на парите.
„Ние ги знаеме мотивите, од исказите на осомничените. Однапред кога се договарале, мотивите биле парите – да се земат пари од мајката на детето. Постапката за изнуда не почнала“, кажа Бубевски.
За таткото ќе се бара притвор.
„Досегашниот негов исказ во полиција јас кој го знам, не знам дали ќе се смени, сѐ уште таткото ги негира овие дејствија. Ние неговата инволвираност која сметаме дека е посредна, ја вадиме од контекстот на другите инволвирани во случајот, едното лице кажало дека сѐ ова го знае од контактот со таткото. Ќе се бара негово обезбедување, имаме основи на сомнение“, кажа обвинителот Гаврил Бубевски.
За цело време, Александар, таткото на Вања, бил со полицијата. Тој до вчера, не признал вина и негирал поврзаност.