Македонија

„Матни“ настани во ноември: Реакција на САД, разрешена Русковска, последици од КЗ

Нема напредок во борбата против корупцијата

ЕК бара реформи и резултати:Судството останува слаба точка – Во најновиот извештај на Европската Комисија се нотира дека треба да се спроведат реформите поврзани со ЕУ, жестоки се и критиките за судството, недоволната борба против корупцијата, злоупотребата на ЕУ знаменцето…

САД реагираше, се чека реакција на државата

На црната листа на САД ставени и Самсоненко, сопругата Ирина и Ратка Камчева  – Американското Министерство за финансии стави неколку нови лица од Западен Балкан на црна листа поради корупција, од кои три се од Македонија, и тоа рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Орце Камчев, кој беше ставен на оваа листа на 19 јули годинава. Во соопштението на американското Министерство за финансии се вели дека Самсоненко има двојно државјанство, на Русија и Македонија.

Уште еден шеф на јавно обвинителство кое гони организиран криминал разрешен!

Вилма Русковска разрешена од јавен обвинител, Советот на ЈО гласаше едногласно – Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска веќе не е јавен обвинител. Советот на јавни обвинители едногласно го усвои предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за разрешување на обвинителката, откако против неа и уште две нејзини колешки беше поведена дисциплинска постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција пред речиси една и пол година.

Недостига реакција по иницијативите на ДКСК

ДКСК поднесе иницијативи за кривично гонење на в.д директорот на Агенцијата за филм, за сегашниот и за поранешни градоначалници на Радовиш  – Државната комисија за спречување на корупција одлучи да поднесе иницијатива за одговорност до Владата и за кривично гонење за несовесно работење и трошење на буџетски средства на директорот на Агенцијата за филм. Претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска го образложи случајот со Агенцијата за филм, ревизорските извештаи за финансиското работење на Агенцијата и документите што се проверувани. Таа истакна дека Владата треба да ги слуша нивните препораки и да ги препрочитува ревизорските извештаи.

Последиците на измените на Кривичниот Законик продолжуваат…

Наместо за „злоупотреба на службена положба“, Мијалков ќе одговара за помало кривично дело „Пречекорување на овластувања“ – Обвинителството го измени обвинителниот акт за случајот “Трезор”, во кој првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Наместо за злоупотреба на службената положба, обвинителот Трајче Пеливанов побара обвинетите да се судат за пречекорување на границите на своите службени овластувања. Ова следува по неполни два месеци од измените и дополнувањата на Кривичниот законик.

Измените на КЗ ја запреа и кривичната постапка за случајот „Траекторија“ – Груевски, Јанакиески и Пешевски нема да одговараат за кинеските автопати – Измените во Кривичниот законик ја запреа кривичната постапка за случајот „Траекторија“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство, а се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

ТНТ“ оди во историјата: Апелација го укина, вината ја гледа кај Кривичен оти решение носеле разрешени поротници – Апелациониот суд: Постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ – 157/22, во јавноста познат како ТНТ, Апелациониот суд Скопје на нејавна седница на ден 16.11.2023 година, ги уважи жалбите на обвинетите Ј.М. од С. и Е.Н. од С. изјавени против Решение за исправка на Основен кривичен суд Скопје од 01.09.2023 година и истото го укина.

Обвинителството изврши измена на обвинението во „Талир“, застаре „Злоупотреба на службена положба и овластување“ на Миле Јанакиески – Обвинителката Ленче Ристовска, на рочиште за случајот за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, “Талир“ во Основниот Кривичен Суд Скопје, изврши измена на обвинението поради измените на Кривичниот Законик, со која што застарува делото „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Потребна е одговорност на постапките!

Обвинителството шест години чувало предмет во фиока, а судијка безуспешно го судела четири години по што застарел – Судскиот совет ја прифати како основана претставката од граѓанинот Драган Јакимов кој до Министерството за правда се жалел на бавното постапување на правосудните институции поради што застарел предметот против физички и правни лица, во кои тој е оштетен, односно добил тешка повреда на работното место. Повредата се случила во јули 2012 година, а Јавното обвинителство поднело обвинителен предлог дури во 2018 година! Една судијка во Кривичниот суд го судела неуспешно предметот четири години, а во 2022 го презела друга судијка, која одржала три рочишта, по што во јули 2022 година настапила апсолутна застареност! Граѓанинот Јакимов се жалел во Министерството за правда на постапките на Обвинителството, на Државниот инспекторат за труд и на Кривичниот суд. Судскиот совет ќе бара одговорност.

На почеток