Анализите од најдените пиштоли, движењето на „цитроенот“ пред убиството на Вања, шпекулациите за инспекторот – остануваат тајна
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не одговори на ниту едно прашање поврзано со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој пред медиумите наместо информации, одговараше шаблонски: „Информациите ќе ги добие Обвинителството“.
Меѓу прашањата беше и дали се готови анализите на двата пиштоли, како и дали од нив е пукано кон Вања и Панче, на што одговорот беше: „Сите информации ќе бидат доставени до Обвинителството“.
Неодговорено остана прашањето на која траекторија се движел „цитроенот“ со кој е киднапирана Вања пред да се случи грозоморниот чин, но и кога и кој го донел возилото во Скопје.
„Со поднесувањето на кривичните пријави, овие детали се анализираат од ОЈО. Не би можел да споделувам информации, не треба истрагата да се води во медиумите“, кажа Спасовски.
Прашан дали инспектор издавал информации за истрагата како што се тврди во јавноста, тој посочи: „Во овој период се изнаслушавме многу информации, политиканства, сѐ што произлегува од овој аспект. Го потврдувам тој став дека тоа не е добро. За било каква нелегална активност, од било кого, од инспектор или кој и да е, ќе има одговорност. Но не би сакал на ниво на шпекулации да зборам за ова“.
Прашан дали неговите изјави кои ги даваше во јавност, а во кои го карактеризираше Љупчо Палевски-Палчо како „монструм“, ќе му помогнат на осомничениот да ја одложува екстрадицијата, Спасовски посочи: „Тоа е потврда на ова што го кажав – сите шпекулации и сѐ што ќе изнесам во јавност може да штети на истрагата“.