Македонија

Пишман аџија: Владата го назначи Мехмеди за директор на М-НАВ и се премисли

Владата за само 4 часа се премисли и го смени предлогот, наместо Илир Мехмеди за нов директор на М-НАВ го предложи Хекуран Асани. Владата многу брзо сфати дека Мехмеди, не ги исполнува условите за функцијата, затоа што немал валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту, пак, имал најмалку шестгодишно работно искуство како контролор.

Несериозно е како стручните служби во Владата овој податок го преспаа, па промената дојде по жестоките реакции во јавноста. Асани инаку е активен контролор на летање во М-НАВ.

Во меѓувреме се огласи и владината прес служба:

Владата на Република Северна Македонија, на владината седница му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста Претседател на Управен Одбор и Извршен Директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ.

Владата воедно му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје на позицијата Претседател на Управен одбор и Извршен Директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ да го именува Милан Кораќ.

Хекуран Асани е вработен во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Хекуран Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

Милан Кораќ на позицијата Извршен Директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Милан Кораќ има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.

На почеток