Казината уште еден чекор поблиску до селење на периферија, има и обвинувања: Ќе се игра црно и по подруми, а ќе има и астрономски оштети
Отстранувањето на казината од градовите и нивно носење на периферијата, не е поради заштита на младината туку поради бизнис интереси. Ова го тврдат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија. Тие обвинуваат дека измените на Законот за игри на среќа, пратениците ќе донесат економски последици.
„Преку онлајн игрите на среќа, некој од дома може да се вклучи на платформата и да игра. Многу добро знаат дека аргументите се на наша страна. Усвојувањето на измените во ваква верзија ќе ја вратат Македонија во 1990 година, кога имаше диви играчници во подруми во секое маало, државата ќе нема контрола и ќе биде загрозена младината. Ќе следат тужби за астрономски оштети прекршени на грбот на народот. Без егзистенција ќе останат десетина илјади вработени. Ќе има економски удар. Државниот буџет ќе загуби 280 милиони евра приход, тоа е пет проценти од буџетот за 2024 година“, велат засегнатите страни.
Тие побараа пратениците да ги погледат во очи сите лица кои ќе останат без работа поради дислокацијата на казината.
„Подготвени сме да ги блокираме сите улици, за да го изразиме бунтот на вработените. Целта е да се затворат домашните легални фирми, за Владата со бугарски компании да го преземе пазарот преку онлајн игри“, кажаа од Асоцијацијата.
Денеска, измените се пред Комисијата за европски прашања.
„Дали ви е срам што со вашето гласање ќе оставите илјадници семејства на улица?“, прашаа од Асоцијацијата.
Според нив, целта е полнење на џебови на претставници од власта. Пратениците пак, ги обвинија дека се кријат за да не се соочат со нив.
Законот предвидува уплатно-исплатните места, во кои се приредуваат игри на среќа, да бидат на поголема оддалеченост од 500 метри од основни и средни училишта.