Македонија

Пак различни толкувања: Незири од ДУИ ќе си остане дома, оти обвинителот смета дека не може да се жали во Апелација

Препукувањата и различните толкувања на Обвинителството и Кривичниот суд за случајот М-НАВ продолжија. Останаа различните ставови во однос на одредувањето притвор, а сега, нови разединувања има за тоа дали обвинителот може да се жали до Апелација што Беким Незири од ДУИ заедно со тепачите, не доби ефективен, туку домашен притвор. Обвинителството јасно укажува дека таква можност не постои.

„Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека и покрај тоа што Основниот кривичен суд Скопје вчера информираше дека во предметот за случувањата во М-НАВ Кривичниот совет определил мерки куќен притвор за четворица осомничени, а „против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата“, сепак Законот за кривична постапка не дозволува обвинителството да се жали на донесените решенија. Имено, согласно член 169 став 3 од ЗКП, кој е наведен и во правната поука на донесените решенија, само обвинетиот има право на жалба во рок од 24 часа против решението на Советот и за таа жалба одлучува советот на повисокиот суд. За ова веќе постои и претходна судска пракса на Апелациониот суд, па Обвинителството мора да ја почитува одлуката на Судот, иако и натаму смета дека мерката куќен притвор и определените дополнителни мерки на претпазливост не се доволни за обезбедување на осомничените и за заштита на постапката“, велат од Обвинителството.

Вчера пак, кога судијата на претходна постапка одреди куќен притвор за Незири и другите осомничени, кажа дека жалба може до Апелација.

„Надзорот над куќниот притвор, согласно решенијата е во надлежност на МВР, а против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа од приемот на решенијата“, соопштија од Кривичен суд.

Судирот на ставови и одлуки на Кривичен и Обвинителство трае подолго време.

Вината што нема притвор за Беким Незири префрлена кај обвинителот, судиите се правда дека не добиле документи за да определат притвор

На почеток