Мистериозна фирма со ЕДС во трката за да снабдуваат домаќинства со струја – исполнуваат ли Грците услови за да го добијат тендерот
Грчки ЕДС заедно со фирмата „Пан интер трејд“, која има еден вработен, се пријавиле во трката да снабдуваат околу 800.000 домаќинства во Македонија со струја. Фирмата која е дел од конзорциумот на ЕДС, има основачки влог од 10.200 евра, а обрт од 500.000 евра – па се отвора прашањето дали се исполнува еден од клучните услови, а тоа е финансиската стабилност. Според условите, фирмите кои целат да бидат универзален снабдувач треба да имаат работен капитал од 40 милиони евра.
Според информациите од Централен регистар, основач на „Пан интер трејд“ се извесни Градимир Панчиќ и Стефка Аспарухова Трифонова. Во онлајн архивите, оваа фирма не се поврзува со енергетскиот сектор. Познавачи на проблематиката посочуваат дека со децении се во секторот, но за ваква фирма првпат слушаат.
Во условите на тендерот за универзален снабдувач, стои и: „за да се квалификува како способен за извршување на предметниот договор за универзален снабдувач од аспект на неговата економска и финансиска состојба, економскиот оператор треба да ги исполнува следниве минимални услови: остварен збирен позитивен финансиски резултат (добивка) во последните три години за економскиот оператор кој врши енергетска дејност снабдување со електрична енергија; позитивен збирен износ на капитал и резерви во последните три години за економскиот оператор кој врши енергетска дејност снабдување со електрична енергија“.
„Скопје1“ испрати прашања до ЕДС дали ги исполнува овие услови, како и дали фирмата е загубар и со какви резултати ги има завршено изминатите три години, невклучувајќи ја 2023 година, кога се распиша тендерот.
Познато е дека ЕДС во 2021 година направила мунус од дури 16,5 милиони евра, и покрај приходите од 69,5 милиони евра кои ја позиционораат на 46-то место на најприходни компании. Но, компанијата имаше загуба и во 2020 година, а минусот изнесуваше 3,7 милиони евра. Дали и како ова ќе влијае на нивната позиција во процесот за избор на универзален снабдувач – останува да се види од постапувањето на Владата.
Освен ЕДС, во трката се и ЕВН Хоум и ЕСМ продажба. Понудите се отворени во Владата, но не се знае дали сите фирми ги исполниле условите на тендерот. Која фирма ќе биде избрана, ќе се знае за десетина дена.