Македонија

(Видео) Камион се излизга на патот Неготино-Демир Капија, сообраќајка пред „Табановце“, лизгаво кон Смоквица

Сообраќајка пред граничниот премин „Табановце“, камион се преврте на патот Неготино-Демир Капија, лизгаво на автопатот Демир Капија-Смоквица, и забрани за тешки товарни возила на неколку патни правци. Ваква е состојбата низ Македонија вечерва, по снегот кој паѓа од синоќа. Возачите реагираат оти според нив, патиштата не се исчистени. Истовремено, „Македонијапат“ посочува дека целата механизација и човечки потенцијал се на терен.

Засега нема детали за видот на сообраќајката која се случила пред „Табановце“, а повеќе информации се очекуваат за подоцна. Возачите кои сведочат на несреќата, алармираат да се вози пополека, бидејќи дел од патот е блокиран.

На автопатот А1 – Неготино кон Демир Капија, на 100 метри после бензинската пумпа Макпетрол има излизган камион кој зафаќа дел од коловозот и има отежнато движење. Патнички возила се пропуштат, додека тешките товарни возила се пренасочува по регионалниот пат.

Истовремено, возачите посочуваат дека неисчистен е патот Демир Капија-Смоквица. Во прашање доведуваат и дали била фрлена сол, бидејќи посочуваат дека асфалтот е лизгав.

 

 

На почеток