Македонија

Српскиот пејач е во болница, не е исклучен притвор за несреќата кај „Табановце“, тој тврди дека не бил пијан или дрогиран

Не е исклучено да се бара мерки за обезбедување присуство за српскиот пејач Ѓорѓе Николиќ, познат како Ѓорѓе Давид, како што е одредување на притвор. Тој моментално се наоѓа во болница, каде му се укажала и лекарска помош поради полесен тип на повреди со кои се здобил. Дали ќе мора да остане во Македонија за да не се попречува истрагата, ќе треба да пресече дежурниот јавен обвинител од Куманово, кој вчера изврши увид по несреќата близу границата „Табановце“.

„Сѐ уште се постапува за расчистување на настанот, штом ќе биде донесена одлука за натамошна постапка ќе има известување“, велат од Обвинителството.

Засега непознати се и резултатите од анализите на крв направени за пејачот. Обвинителството заедно со МВР работат во нивно изготвување, како и во утврдувањето на одговорноста кај возачот, кој прегази жена која била во автомобил што направил сообраќајна несреќа неколку минути порано.

Истовремено, пејачот Ѓорѓе Давид од болница даде првична изјава за српските медиуми, во која тврди дека анализите покажале дека немал ниту алкохол, ниту дрога во крв.

„Ми земаа урина и крв, за да видат дали имам супстанци, алкохол. Се разбира, немав, веднаш го открија тоа. После тоа ме однесоа кај јавен обвинител кој посочи дека немам никаква вина во овој случај“, изјави Ѓорѓе за „Гранд“ и додаде дека засега останува во Македонија за да ја испочитува законската процедура по несреќата.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место на тешка сообраќајна несреќа во близина на граничниот премин Табановце во која едно лице го загуби животот.

Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, “Фолксваген поло” со кумановски и “Фолксваген голф” со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока.

По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил “Опел инсигниа” со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала”

Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа”, велат од Обвинителство.

(Видео) „Жената одеше по патот кога удрив, излетав и застанав во грмушки“ – српскиот пејач сведочи за несреќата кај „Табановце“

На почеток