Коментари

„Живи сме министре“ – скопјанка раскажува за патешествие со неподвижна жена на Клинички, среде ноќ, на ниски температури

Скопјанка сведочи како талкала од клиника на клиника среде ноќ, за да добие соодветен медицински третман за нејзината мајка. Во писанието обајвено на социјалните мрежи испраќа и порака до Фатмир Меџити, на кого му порача: „Министре живи сме, фала на Господ“. Сподели и фотографии од патешествието. Се почнало кога се јавил здравствениот проблем, отишле на Ургентен центар па оттаму ги препратиле на Токсикологија, а ако не е за таму, да појдат до Кардиологија. На крајот, завршиле и кај дерматолог. Според пишувањето, сето ова траело во тек на цела вчерашна ноќ.

„Се надевам многу ви беше гајле, неважно, вие да сте наспан, здрав и жив. А на клиника?! Се е во ред, посебно кога ќе најавите дека ќе одите“, пишува скопјанката во стартот.

Потоа објаснува што се случувало, првата станица по Ургентен, била Токсикологија.

„ Одиме на Токсикологија. Аааа, не е за тука. Што ве праќаат тука, ние две ипол години не работиме со нив. Тензично …. Се враќаме на ургентен. Врне, пациентот во количка , ја носиме сами од Ургентен до Токсикологија и назад. Смрзнавме и ние и таа кутрата. Повторно на УХЦ (Ургентен). Дигам глас и почнувам да се дерам, буквално да се дерам и ги прашувам зошто си играат пинг-понг со недолжни луѓе ? Дали и што ви згрешивме за вакво изживување со нас и слични како нас? Пациентката со модра нога, црвенило од глава до пети која личи на изгореница, со пареза на десна страна како последица од мозочен, врне, да се шетаме наваму натаму колку вие да се оградите од одговорност??? Дајте ми извештај дека сме биле тука и пишете каде не упатувате.. Вака усно, не мрдам од тука. Се изненадија од бунтовноста и почнаа да ја смируваат топката. Јас молчам и чекам само следен чекор,спремна на сѐ. Одиме повторно од Ургентен до Кардиологија. Вее снег, ладно, после полноќ , со инвалидска количка… Хумано ли е ова ??? Мајка Тереза се превртува во гроб што и го извалкале името“, додава Лена.

Следната станица била Клиниката за кардиологија.

„Стигнавме на Кардиологија и таму уредно и бргу беше извршен преглед. Докторката ни соопшти дека можно е денес да заврши на дијализа. Доживеав шок…. Небитно. Жива сум. Нѐ упатија на нефрологија. Патот од Кардиологија до Нефрологија со непокретна крупна жена, во инвалидска количка е долг и тежок. Временските услови не беа на наша страна. Веќе беше околу 04 часот пред зори.
Не дочекува културен доктор кој беше шокиран од глетката. Наврнати, смрзнати чиниш бездомници, неважно и тие се луѓе. Ја зема пациентката како своја мајка. Таков културен, хуман и добронамерен лик одамна немам сретнато во јавното здравство. Човекот долго размислуваше и рече дека не дозволува вечерва да ја земеме и повторно да ја малтретираме по ходници. Нека се одмори ноќва тука, нека преноќи, ќе уклучиме терапија, па утре ќе дојдете да ја земете и ќе се договориме што понатаму“, додава таа.

Отишле и на дерматолог.

„Ја земаме мајка ми и одиме долу на дерматолог. Таму ги гледаат резултатите од клиничка биохемија и реагираат со дигање раменици за високите параметри од крвта, но не се во можност да ја задржат до утре, туку утре повторно наутро да се однесе таму и да се направат потребни анализи. Нели зошто да биде просто,кога мора да биде комплицирано? Си тргнавме по патот измалтретирани, чинам воз ме прегазил. Ама живи сме, добро е. Чувајте се луѓе ,верувајте дека ни на душман ако постои таков, не би му посакала да стапне во тие ходници, освен ако оди за себерекламирање со розевите очила како досегашните министри за здравство“, посочува ќерката на пациентката Василка Кимовска.

На почеток