Македонија

Многу „ЌЕ“, голи ветувања без содржина, што наброја дека ќе сработи преодната Влада за „цели“ 100 дена

Утре до полноќ треба да биде изгласана третата по ред преодна Влада. Талат Џафери, освен комплетниот персонален состав, до Собранието достави и Програма за работа на 12 страници.

Основна задача на Владата е да спроведе фер и демократски парламентарни и претседателски избори, но да не остане само на оваа реченица во програмата има многу голи и празни ветувања и вообичаено како и во досегашните најчесто употребуван е зборот „ЌЕ“.

Во програмата само е набројано дека целосната и забрзана интеграција во ЕУ до 2030 година е стратегиска определба, потоа унапредување на животниот стандард. Целосно ќе се почитува Уставот и законите, ќе се одржува висок степен на дијалог, отвореност, отчетност, ќе се спроведуваат принципите од договорите важни за меѓуетничките односи.

Ќе продолжи директната поддршка на граѓаните и компаниите, успешното функционирање на сите Владини органи и институции, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, реформските процеси.По пофалбата за успешно завршениот скрининг процес, кој бил верификуван од Европската комисија, Владата ќе ги реализира преземените обврски од билатералните скрининг состаноци и од Извештајот на ЕК за Кластер 1.

Владата, стои во програмата, ќе продолжи да поддржува конкретни инвестициски проекти, ќе се концентрира на зелената економија, дигитализација, иновации и ветува зголемување на минималната плата на највисоко ниво, зголемување на просечната плата на највисоко ниво досега, зголемување на пензиите, субвенции, одржување на цените и задржување на животниот стандард, ценовна стабилизацијаи фискална дисциплина.

Во програмата е нотирано интензивирање на градежите работи на делниците на Коридорите 8 и 10, особено на автопатите Кичево-Охрид и Скопје-Тетово-Гостивар и очекува, без да наведе кога, целосно завршување на делниците.
Ќе се поддржува и земјоделството, зелена нафта, социјална заштита родов еднаквост, заштита од дискриминација, изградба на нови градинки. Пензионерите можат да бидат спокојни, бидејќи преодната Влада ќе обезбеди редовна исплата на пензиите и нивно зголемување.Ќе се унапредува и ученичкиот стандард, ќе се развива квалитетно образование, модерен здравствен систем, квалитетна младинска политика.

Преодната Влада, чиј мандат е „цели“ сто дена, ќе постави независно и целосно професионално постапување на полицијата, потоа ја истакнува важноста на слободните медиуми, а место во програмата, барем во набројувањата, има и за културата, локалната самоуправа, спортските сојузи и федерации.

И целиот овој список на набројани желби ќе треба да го реализираат министри, заменици, дополнителни заменици од власта и опозицијата кои во досегашните искуства само си ставале сопки и немале речиси никаква соработка. Ама програма треба да се достави, па каква и да е, а повторно, според добрата практика секој ќе си работи по свое за да сработи за својата партија а не за државата и граѓаните.

На почеток