Свет

Ким Џонг Ун повторно се заканува: Нема да се двоумиме да ја искористиме сета воена моќ за да ги избришеме непријателите

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави на годишнината од основањето на армијата дека земјата нема да се двоуми да ја искористи сета своја воена моќ за да ги „избрише непријателите“ доколку некој од нив употреби сила против неа, соопштија севернокорејските државни медиуми.

Ким ова го изјави за време на посетата на Министерството за одбрана, велејќи им на војниците да ја поддржат идеологијата на владејачката Работничка партија и да ја бранат земјата со своите животи, пренесува Ројтерс повикувајќи се на КЦНА.

„Ако непријателите се обидат да употребат сила против нашата земја, ние ќе донесеме храбра одлука да ја промениме историјата и нема да се двоумиме да ја искористиме сета наша супермоќ за да ги избришеме“, рече тој.

Ким го повтори својот завет дека никогаш нема да се вклучи во дијалог или преговори со Јужна Кореја, за која рече дека е „непријателот број еден“ на неговата земја и нагласи дека политиката на силна воена подготвеност е единствениот начин да се обезбеди мир и безбедност за Северна Кореја.

Во извештајот на KCNA се вели дека Ким го посетил Министерството за одбрана со својата „почитувана ќерка“, што укажува дека бил придружуван од неговата ќерка Ју Ае, која аналитичарите очекуваат дека може да има улога во идното раководство на земјата.

На почеток