Македонија

Нема ниту еден доказ за таткото на Вања, притворот е голема грешка и уште една трагедија, вели адвокатот Туфегџиќ

Адвокатот Владимир Туфегџиќ не добил навремено покана од Апелација каде се одржуваше седница за укинување на притворот на Александар Ѓорчевски, таткото кој е осомничен во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска. Туфегџиќ за „Скопје1“ кажа дека ова што му се случува е голема грешка.

„Денеска се одржа Јавна седница по повод жалба на осомничениот во која се бара укинување на притворот.
За денешната Јавна седница како бранител сум известен утрово во 09,20 часот телефонски бидејќи немав покана.
Барам укинување на притворот поради фактот што до денес не ни е предочен ниту еден доказ од кој произлегува основаното сомневање за сторено кривично дело ниту ни е овозможен увид во предметот“, вели Туфегџиќ.

Според него, укажано било на Советот во Апелација дека таткото бил мета на тортура.

„Осомничениот не може да повтори дело кое не го сторил. На судечкиот совет му е укажано дека сето ова што му се случува на таткото е голема грешка и уште една голема трагедија кон него и неговото семејство. На советот му е укажано дека кон осомничениот се врши тортура во притворската единица на КПУ Затвор Скопје, со тоа што е испитуван во притворската ќелија на начин под секое достоинство, во стоечка положба свртен со лицето кон sидот за да му се изнуди признание и дека за ова на 18.01.2024 година писмено е известен Јавен обвинител. Осомничениот се приклучи кон жалбата и изјави дека не му е јасно зошто е сето ова бидејќи никого од осомничените не познава“, кажа Туфегџиќ.

На почеток