Коментари

„Клиника кажала дека Леонид не може да се лекува, ФЗО тврди дека може – конзилијарно има“, Андоновски ја обвини Манолева дека лаже

Здравствените власти го отворија прашањето дали Леонид Индов има конзилијарно мислење за да му се одобрат пари за лекување, а заменик-правобранителот Јован Андоновски тврди дека го поседува и од него се гледа дека Клиниката кажала дека нема услови за негово лекување. Изјавата на заменик-министерката за здравство Маја Манолева која кажа дека не е побарано мислење од соодветна институција, според Андоновски е лага.

„Таткото на Леонид Индов се има обратено во писмена форма до Клиника со барање мислење дали и каде може да се лекува Леонид во Македонија. Лично кај мене во канцеларија го спремавме дописот! Одговорот на Клиниката е преточен во конзилијарно мислење дека кај нас нема услови за лекување или рехабилитација. Заменик министерката Манолева не ја говори вистината‼️ ФЗО – во решението тврди дека може Леонид да се лекува кај нас, НО, раководството на ФЗО не знае точно каде. Не е лошо пред да излезете пред јавноста добро да ги проверите фактите и да се координирате во изјавите“, напиша заменик-правобранителот Јован Андоновски.

Иако семејството на 18-годишниот Леонид Индов покажа конзилијарно мислење во кое стои дека во земјава се исцрпени сите можности за негово лекување, денес заменик – министерката за здравство Маја Манолева вели дека родителите воопшто не побарале никакво мислење од соодветна институција за можноста лекувањето или рехабилитацијата да се завршат кај нас.

„За детето за кое и вчера и денес се дискутира, родителите воопшто немаат побарано никакво мислење од соодветна институција за можноста или неможноста за завршување на лекувањето односно за рехабилитација на тоа дете во нашите установи“, кажа меѓудругото Манолева.

На почеток