Свет

Дваесет загинати во израелски воздушни напади

Израелските министри со барање, Палестинците да се иселат од Газа. САД: Тоа е палестинска земја

Дваесет Палестинци се убиени рано утринава во израелските воздушни напади врз Рафах, како и врз централниот дел на Појасот Газа, соопштија денеска здравствените власти во енклавата.

Тие додадоа дека во Рафах, на југот на енклавата, каде во моментов се наоѓаат над милион Палестинци, 14 лица загинаа, а десетици други се ранети во нападите што погодија неколку куќи и станови.

Уште шест лица загинаа во вториот воздушен напад врз куќа во бегалскиот камп Ал-Нусеират во централниот дел на Појасот Газа, додадоа официјални лица.

Деир Ал Балах, град во централниот дел на Појасот Газа, на околу 14 километри јужно од градот Газа, исто така беше бомбардиран во текот на ноќта, јавува Ројтерс.

Од почетокот на израелската агресија врз Газа, според Министерството за здравство во Појасот Газа, загинале повеќе од 31.000 луѓе.

Шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, во понеделникот замина за Катар за да ги продолжи преговорите за привремен прекин на огнот и ослободување на израелските заложници во Газа, пишува The Times of Israel.

Израелски функционер потврди за медиумите дека се очекува преговарачите да се фокусираат на обезбедување на шестнеделно примирје со Хамас и ослободување на околу 40 заложници.

Според извори на Ројтерс, во Доха, Барнеа треба да разговара и за бројот на палестински затвореници кои би можеле да бидат ослободени од израелските затвори во замена за заложници држени од палестинската милитантна група, како и за дистрибуцијата на хуманитарна помош во енклавата, со Катар премиерот и египетските власти.

На почеток