Свет

Белата куќа: Убиен е заменик лидерот на военото крило на Хамас во Газа

Белата куќа потврди дека Израел и Хамас се договориле за продолжување на примирјето

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, синоќа изјави дека во израелски напад е убиен Марван Иса, заменик лидер на военото крило на Хамас во Појасот Газа.

Според Белата куќа, Иса помогнал во планирањето на нападот врз Израел на 7 октомври минатата година.

Израел и Хамас сè уште не го потврдија ова, а Саливан не кажа како американските разузнавачи заклучиле дека е убиен, а доколку се потврди, Иса ќе биде највисокиот член на Хамас убиен во Газа од почетокот на војната.

Израел уби неколку лидери на Хамас во текот на годините, но тие беа брзо сменети и немаше очигледно влијание врз операциите на организацијата.

Саливан им рече на новинарите во Вашингтон дека „Иса беше убиен во израелска операција минатата недела“.

Тој беше заменик на Мухамед Деиф, водачот на военото крило на Хамас, за кој се вели дека преживеал неколку обиди за атентат претходно.

Главниот лидер на Хамас во Газа, за кој се верува дека е организатор на нападот на 7 октомври кој ја предизвика војната, е Јахја Синвар.

Се верува дека и Синвар и Деиф се живи и се кријат во Газа, а Израел вети дека ќе ги убие.

Израелските лидери тврдат дека од почетокот на војната биле убиени повеќе од 13.000 борци на Хамас, но тие не дале докази за тоа.

Министерството за здравство на Газа во понеделникот соопшти дека најмалку 31.726 Палестинци се убиени во израелска офанзива по нападите на палестинските екстремисти предводени од Хамас во јужен Израел.

Тоа министерство не прави разлика меѓу убиени цивили и борци, но тврди дека мнозинството, две третини од убиените биле жени и деца.

На почеток