(Видео) Стојкоски од Ѓорче по уривањето на хангарот: Завршија деновите на провлекување и “дупки во законот”
По акцијата за рушење на хангарот кој е лоциран на скопската обиколница во Ѓорче Петров, градоначалникот на Општината, Александар Стојкоски посочи дека ова е чекор против урбаната мафина, и најави стопирање на изградба на дивоградбите. Тој вели: „Законот мора да важи за сите“.
„Нема да дозволиме провлекување на поединци кои мислат дека се над законот. Денеска тоа го докажавме со отпочнување постапка за рушење дивоградба на државно земјиште. На странката и беше даден предвидениот рок да постапи, но истата ги игнорираше нашите предупредувања. Законската регулатива важи за сите исто. Нема заштитени или повластени кои си играат детски игри на сметка на сите нас, градејќи бесправно изградени објекти, без дозвола“, вели Стојкоски.
Тој посочува дека согласно законската регулатива, донеле Решение за отстранување на објектот и нема да отстапат од намерите правдата да биде задоволена и еднаква за сите.
„Доаѓаат нови, добри и праведни времиња. Завршија деновите на провлекување и “дупки во законот” за правните и физички лица по разни основи и непочитување на правото. Цврсто стоиме на ставот да се справиме со сите кои ќе намислат слично да постапуваат. Имајте во предвид дека никој нема да биде поштеден!“, додава тој.
Претходно, објавивме детали од уривањето:
(Видео) Со многу полиција: Урнат хангар во Ѓорче Петров, го градеа на државно земјиште без дозвола