Се реши ли проблемот со 33.000 неиздадени лични карти и 55.000 пасоши
Со нова реорганизација во управните служби го решаваме проблемот со неодобрените 33000 лични карти и 55000 пасоши, посочува дополнителникот заменик министер Митко Бојамацалиев. Тој додава:
Токму тоа што го зборев од првиот ден, дека треба добра организација, а не само форсирање на сликање, туку силите рамноправно да ги распоредиме во управните служби, се’ со цел процесот да тече нормално, тоа не беше испочитувано од самиот почеток.
Реагирав за таа работа, побарав написмено да имаме состанок. Во текот на вчерашниот ден имавме координација помеѓу кабинетите и управните служби и изнајдовме решение со што колегите ќе ги реорганизираме во работата, ќе работат сабота втора смена и недела прва и втора смена. По потреба ќе носиме колеги во близина на Скопје, од градовите како Куманово, Тетово, Велес, со организиран превоз, со дневни наредби, луѓе кои се искусни во одобрување, се’ со цел да го забрзаме процесот во Град Скопје за одобрување, каде веќе 33.000 лични карти и 55.000 пасоши чекаат на одобрување.
Воедно, донесовме заклучок дека ќе обучиме 10 нови колеги кои ќе фотографираат на пунктовите, а од пунктовите ќе повлечеме 10 колеги кои имаат искуство во одобрување, со цел да ја надминеме оваа криза, ќе кажам, во одобрувањето на личните документи. Фокус ќе дадеме на личните карти, бидејќи тие се потребни за денот на гласање, но исто така со несмален интензитет ќе ги одобруваме и патните исправи.