Полицијата бара нова трага во истрагата за исчезнувањето на малата Данка
Потрагата по Данка Илиќ (2), која исчезна минатиот вторник, влезе во осми ден, а засега нема информации каде се наоѓа девојчето. Голем број полицајци во моментов се во Бањско поле кај Бор.
Полицијата и денеска го пребарува просторот, односно куќите во Бањско поле, но за разлика од претходните денови полицијата не ги легитимира мештаните при влегувањето во оваа приградска населба во Бор.
Засега нема трага која би можела да укаже на тоа што се случило со Данка. Последната трага која се појави е видео од девојка од Виена, за која постои сомневање дека е Данка.
Снимката на која се гледа непозната девојка, чија фигура поради квалитетот на видеото не може јасно да се види, а за која постои сомневање дека е направена во Австрија, ја крена јавноста на нозе. Според досегашните информации, српски државјанин забележал на станица во Виена девојче кое физички наликува на двегодишно девојче, во друштво на две жени за кои тврди дека се Ромки. Решил да ги сними и снимката да ја проследи до надлежните кои трагаат по Данка.
Поради ова српската полиција стапила во контакт со австриската полиција која интензивно работи на расветлување на сите околности поврзани со снимката, за да се утврди кој навистина се наоѓа на неа. Виенската полиција соопшти дека истражува се што е поврзано со споменатата снимка.