(Видео) Очи во очи седнаа семејството на исчезнатиот внук на Бошковски и обвинетите: Обвинителството уверено дека докажало грабнување
Обвинетите за грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски – негираат било каква вина. Истовремено, Обвинителството е уверено дека тие треба да бидат осудени оти првообвинетиот Виктор Милановски го земал со автомобилот кој претходно му го дал второобвинетиот Сашо Челилиќ (н.з.) на користење.
„Обвинителството ги презентираше и извештајот и материалните и вербалните докази против обвинетите за стореното кривично дело. Со секоја поминута минута Јавното обвинителство уште од самиот почеток па се до денес, со секој изведен доказ се повеќе ја заврстуваше својата теорија на случајот презентирана во воведните зборови“, рече обвинителот Дејан Петрески.
Тој образложуваше што има во доказите.
„Виктор Милановски во критичното време е забележан од камерите на угостителскиот објект Баба Цана, како остварува телефонски повик, а тоа е регистрирано. Видео записот од извршената реконструкција јасно се прикажува односно во целост се потврдува средбата на оштетениот со обвинетиот кај хотел ‘Најс’. Качувањето во автомобилот, движењето на автомобилот, па се додека му се губи трага“, додаде обвинителот.
Семејството на обвинетиот Милановски веќе излезе во јавност со став дека тој е невин. Посочија дека тие биле другари и дека сакаат и самите да дознаат – каде е Самоил.
“Повеќе од една година поминуваме под стрес, закани и притисоци. Поради сите овие причини решивме да се огласиме во врска со случајот со изчезнатиот Самоил Костадиновски, внук на Љубе Бошковски, случај во кој обвинет е Виктор Миланоски мојот брат. Првообвинетиот е другар на Самоил и знаел дека самиот Самоил бил вклучен во нечесни игри. Второобвинетиот воопшто не го ни познавал Самоил. Но најважното прашање е кои се двајцата обвинети и дали се вистинските луѓе, како и дали воопшто имаат некаква поврзаност со овој случај?“, кажаа тие во соопштението до јавноста.
На судењето се присутни семејствата – како на обвинетите, така и на исчезнатиот.
Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против две лица, за грабнување и помагање при грабнување на Самоил Костадиновски, внук на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.
За истиот настан, постапката против уште едно лице е привремено прекината до негово пронаоѓање и лишување од слобода.
Првообвинетиот на 3 март годинава, заедно со лицето, кое се наоѓа во бегство и други непознати лица, го грабнале Самоил, со закана дека ќе го убијат.
„Намерата им била да го натераат оштетениот да плати претходно украдена наркотична дрога – хероин во количина од 4 килограми“, соопшти Обвинителството на 8 септември.