МАН до ЗНМ и ССНМ: Не би сакале да веруваме дека обучувате ваши членови да носат оружје со себе
Македонската асоцијација на новинари (МАН) е непријатно изненадена од соопштението на ЗНМ и ССНМ во кое упатуваат јавна поддршка за Фуркан Салиу. Оттаму посочуваат дека Салиу е извршил/учествувал во напад врз службени лица, и носел оружје полно со муниција, а ЗНМ и ССНМ сакаат да го подведат во општествено одговорната и законски регулирана дејност – новинар и новинарство.
„Во случајот со Фуркан Салиу, ЗНМ и ССНМ се преставија како парановинарски организации кои заштитуваат и промовираат вооружување на своите членови. Наместо да упатат јавна осуда за однесувањето на Фуркан Салиу и фактот дека во своја близина носел оружје полно со муниција, ЗНМ и ССНМ го поддржуваат во својство на новинар. Уште позастрашувачки е фактот дека ЗНМ и ССНМ јавно го бранат Фуркан Салиу дека извршувал професионални обврски, како новинар. Дали ова значи дека ЗНМ и ССНМ имаат/ тренираат/ обучуваат паравоени, параполициски, паранавивачки формации во своите редови? Дали ова значи дека имаат вооружени членови чие однесување не може да се предвиди во ниеден момент, дури и кога треба да бидат проверени од државните институции? За што всушност ЗНМ и ССНМ одржуваат обуки за своите членови? За вежбање по стрелани, носење пиштоли со муниција, отпор кон проверки од државните органи? За што ги обучуваат своите членови? Инцидентот со Фуркан Салиу е кривично-правен настан. Единственото оружје на новинарите и сите медиумски работници е слободата на говорот и изразувањето. Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги прашува ЗНМ и ССНМ зошто упорно шират лажни вести за да делуваат користољубиво за лични и предизборни партиски потреби, користејќи го Фуркан Салиу за наведените цели?
Македонската асоцијација на новинари (МАН) потсетува дека токму заради ЗНМ и ССНМ, Фуркан Салиу не е новинар според позитивните законски прописи, кои токму тие ги блокираат со години. За тоа постои и судска пракса во случајот со Горан Трпеноски од редакцијата на СДК.МК, повторно благодарение на ЗНМ и ССНМ. Македонската асоцијација на новинари (МАН) е непријатно изненадена од комфоноста на ЗНМ и ССНМ да создаваат јавна перцепција на осуда и хајки, што го гледаме со децении наназад. Но, тоа не ги прави заштитници на новинарите и медиумските работници, уште помалку почитувачи на Уставот и Законите во Македонија. Напротив. Заради ЗНМ и ССНМ, нивниот член Фуркан Салиу се довел себеси во очајна, незавидна ситуација да носи со себе огнено оружје со муниција (што со закон е забрането) и да изврши напад врз службени лица (а можел да биде службено лице, доколку ЗНМ и ССНМ не ги блокираа измените во медиумските закони). За Македонската асоцијација на новинари (МАН) е застрашувачки фактот дека новинарите живеат под толкав страв и репресија во овие седум (7) години, што членот на ЗНМ и ССНМ Фуркан Салиу решил да има кај себе и во своја близина – оружје полно со муниција, се вели во реакцијата на Македонаката асоцијација на новинари (МАН)“, велат од МАН.