Македонија

(Видео) „Рекет“ пак да се суди! Боки 13: Русковска, Камчев, неколку политичари, а до некаде и јас знаеме каде се парите – не спорам дека сум презел дејствија

Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 поднесе барање за повторно судење на „Рекет“. Тој кажа дека постојат нови докази и околности кои не биле употребени во доказната постапка. Посочи дека сака да се докаже што се случило и каде се парите, одговор за кој рече: „Многу добро го знае Русковска, го знае Јордан Камчев, го знаат неколку политичари. А одговорот некаде го знам и јас, затоа што на крајот од краиштата сум учествувал во сите тие дејствија и тоа не го спорам“.

„По правосилност на пресудата од Граѓанскиот суд каде тужител беше Јордан Камчев, се докажа дека при побарување на евентуално оштетното побарување, дека не може човек кој сторил неправо да бара право и дека не се утврдени елементи за да добие статус на оштетен и да добие назад средства кои беа неутврдени со правосилната пресуда од Кривичен суд“, рече Јовановски-Боки 13

Според Јовановски, укажа за спротивни искази дадени од Јордан Камчев, од страна на мајката на бизнисменот, Ратка Куновска-Камчева, како и благајничката Мирјана Бошковска – во Кривичен и Граѓански суд.

„Јордан Камчев и Ана Камчева пред Кривичен кажаа дека Ратка Камчева дала 350 илјади евра, а Ратка Камчева пред Граѓански суд кажа дека не дала никакви средства, дека Јордан и Ана Камчева си имаат сопствени средства и дека нема зошто таа да им позајмува, дека тие имале фамилијарни односи и си позајмувале, а за конкретниот настан, како што беше опишано дека Ратка ги предала во некаков несесер – таа тоа го негираше категорично тоа. Основаноста на ова барање е согласно закон и согласно одредбите од ЗКП основано. Се надевам дека Кривичен суд ќе има за доблест да ги прифати наводите и да ја повтори постапката, а при таква постапка да се утврди и целата јавност да дознае што се случило со средствата, каде завршиле, кај кого завршиле, бидејќи материјалната вистина не е утврдена. Се судеше врз основа на шпекулации, на разни теории на случај кои ги претставуваше сега разрешената обвинителка Вилма Русковска која одеше од медиум во медиум и зборуваше разни варијанти, како ќе и се погодеше денот, така правеше различни приказни“, рече Јовановски.

Тој посочи дека Русковска еднаш кажала дека парите завршиле во домот на неговите родители, потоа кажала дека биле потрошени на телвизијата, а третпат дека купувал гардероба.

„Зоран Милевски-Кичеец кој призна вина и кој го отвори патот за осудителна пресуда, никогаш гласот му го немаме слушнато. А денеска тврдам, како од денешна истанца така и тогаш, дека ако го прашате што признал и кое битие, нема да знае да одговори. Особено што, бевме гонети за 359, в.в. 22, а тоа е соизвршителство. Тоа значи дека јас и тој сме преземале исти дејствија за извршување на кривичното дело, а тоа значи дека тој требало да има комуникација со тогаш специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, да се дружи, да ги има преземено дејствијата на соизвршување, не на помагање. Особено важно за напомена е дека истиот беше тужен, па Јордан Камчев ја повлече тужбата. Тоа е индикативна вредност дека целиот случај Рекет ниту е расчистен, ниту на јавноста и медиумите им е јасно што се случувало“, додаде Јовановски.

Јовановски-Боки 13 побара да ја докаже својата невиност, односно дека не ги презел делата кој му се ставаат на товар.

„Со повторената постапка да докажеме што навистина се случувало со тој најголем, фамозен случај Рекет, поради тоа што не се работи тука за моето лично добро, туку за општото добро. Особено што за првпат на овој начин, можам да кажам дека за случајот Рекет и позади случајот Рекет апсолутно стоеше цела политичка консталација на притисоци, на една цела состојба која подоцна стана кривично правен настан“, посочи Јовановски-Боки 13.

Вилма Русковска го направи обвинението за себепромоција, од за мене и нејзе познати причини, рече Јовановски. Додаде дека целта на Русковска била некого да спаси, себеси да се издигне.

На почеток