Коментари

Боки 13 повикувајќи се на одлука од Стразбур, најави гонење на Русковска и Заев: Јавноста ја заслужува вистината за „Рекет“

Бојан Јовановски-Боки 13 на својот Фејсбук профил објави дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур донел позитивна одлука по изразената апликација од страна на адвокатот Сашко Дукоски за случајот Рекет. Тој најави дека ќе поведе кривична постапка против Вилма Русковска и поранешниот премиер Зоран Заев, но и други лица.

„Ја известувам јавноста дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе позитивна одлука по изразената апликација од страна на адвокат Сашко Дукоски за случајот Рекет, каде беше нападната пресудата за случајот Рекет по повеќе основи. Позитивната одлука на судот во Стразбур е доказ за важноста на меѓународните правни механизми во заштитата на основните човекови права и слободи, фер и правично судење пред непристрасен суд. По конечно завршување на постапката во Стразбур, Ве известувам дека од моја страна заедно со мојот правен тим ќе ги превземеме сите понатамошни чекори пред домицилните органи со крајна цел да се исправи историската неправда нанесена со политички нарачаната пресуда за случајот Рекет, во која имаше сѐ, само право не“, напиша Јовановски.

Тој посочува и: „Јавноста ја заслужува вистината за овој фамозен случај ‘Рекет’ преку утврдување на точната и вистинитата фактичка состојба во законита постапка“.

„Воедно, ве информирам дека донесена е и уште една позитивна одлука при ЕСЧП во Стразбур и прифатена е апликацијата која се однесува на моето незаконско држење во притвор, нечовечно постапување и тортура. По сето ова, ќе поведам постапки за кривичен прогон против Вилма Русковска како тогашен јавен обвинител, Зоран Заев како тогашен премиер и против уште најмалку десетина лица кои директно се виновни во и за случајот Рекет, секој од нив со свои дејствија на извршување со место, време и начин на извршување на кривични дела“, додаде Јовановски.

На почеток