Свет

„Франс прес“ за годишнината од масовното убиство во основното училиште во Белград: Низ цела држава едноминутно молчење

Група родители бара да заврши учебната година во училиштето „Рибникар“ во Белград, каде се случи масакрот

Франс прес денеска објави дека низ цела Србија ќе се оддаде едноминутно молчење за да им се оддаде почит на жртвите од вооружениот напад во училиште во главниот град Белград, каде пред една година беа убиени десет лица.

Масакрот на 3 мај минатата година, кога беа убиени девет деца и еден чувар, по што следеше второ крваво пукање во околината на Младеновац следниот ден, ја погоди таа балканска земја, поттикнувајќи големи демонстрации и иницијативата на владата за „разоружување“ на земјата, пишува Франс прес.

Агенцијата додава дека утрово ученици, родители и жители на Белград излегле на дожд пред ОУ „Владислав Рибникар“ да положат цвеќе и да запалат свеќи на влезот во зградата.

Франс прес ја пренесува изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека помина една година од невидената трагедија која остави рани во душата на целата земја и дека болката, неверувањето и неизмерната тага се уште се присутни.

Родителите на момчето што пукаше, кое во моментот на нападот имало 13 години и не е кривично одговорно според законите на Србија, се на суд во Белград, пишува француската агенција.

Тие потсетуваат дека таткото бил обвинет дека го тренирал синот да пука, дека не му го обезбедил соодветно оружјето и муницијата и дека му дозволил на синот да стави пиштол и 92 куршуми во ранецот, кои подоцна ги користел за да пука. Агенцијата додава дека и мајката на момчето е обвинета за недозволено поседување муниција.

Франс прес наведува дека по тие трагични настани, српскиот претседател Вучиќ ветил дека ќе ја „разоружа“ земјата благодарение на амбициозниот план за намалување на нелегалното и легално оружје.

Сепак, и покрај ова ветување, овие убиства предизвикаа големи антивладини демонстрации со десетици илјади луѓе на улиците, каде што побараа оставка од некои функционери и крај на глорификацијата на насилството и гангстерската култура во медиумите, наведува агенцијата. .

Според Франс прес, Вучиќ ги отфрли демонстрациите како „политички мотивирани“ и зборуваше за теории на заговор на странски сили кои ги организираат овие собири.

Според новинската агенција, Србија има највисоко ниво на поседување оружје во Европа со повеќе од 39 парчиња на 100 цивили, според извештајот за малото оружје (проект Small Arms Survey).

На почеток