Македонија

Ковачевски: СДСМ никогаш нема да се откаже од идејата европска Македонија, ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност

„СДСМ никогаш нема да се откаже од идејата европска Македонија, ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност, никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да ја уназадува државата, никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да си игра со иднината на нашите деца“, порача вечерва претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, од Македонски Брод.

„СДСМ и Коалицијата за европска иднина на овие избори оди заедно со граѓаните кои веруваат во европска Македонија и кои се подготвени да се борат за таа иднина. Основната цел на нашата програма останува брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ, затоа што знаеме дека само на тој начин ќе обезбедиме повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство“, рече Ковачевски.

Ковачевски посочи дека гласањето на претстојните избори почнува од нула и повика граѓаните да се приклучат на прогресивните и демократските сили и да гласаат за СДСМ и Коалицијата за европска Македонија и претседателот Стево Пендаровски. Во обраќањето Ковачевски додаде дека граѓаните бираат во каква држава ќе живеат и или ќе се вратиме назад во криминалното владеење на Груевски и тоталитаризмот или ќе заедно ќе изградиме слободна и европска иднина.

„Ние бевме меѓу граѓаните кога инфлацијата и енергетската криза беа сериозна закана за животниот стандард и стабилност во нашата држава. Бевме меѓу граѓаните за време на КОВИД кризата. И денес сме меѓу граѓаните. Добро ги знаеме вашите проблеми, вашите надежи и очекувања. Вие со вашите искрени критики и барања за иднината нѝ помогнавте да ја креираме нашата изборна програма. Таа програма е реална, остварлива и содржи автентични социјалдемократски политики и мерки“, рече Ковачевски.

Притоа, Ковачевски додаде дека во програмата се содржани конкретни чекори и политики за зголемување на платите и пензиите, мерки за поддршка на средношколците и студентите, економски пакети за земјоделци, како и реален и остварлив план за зајакнување на македонската економија.

„Најавуваме одлучна и конечна борба против злоупотребите, неправдите, системската корупција. Од тоа не отстапуваме“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

На почеток