Свет

Мицотакис: Нема да ги ратификуваме меморандумите од Договорот од Преспа

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше дециден во интервју за ТВ Скај дека парламентот нема да ги ратификува трите меморандуми од договорот од Преспа откако опозициската СИРИЗА вчера во парламентот ги достави како предлози на Закон на официјалната опозиција, но со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри на владата на Мицотакис.

Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, економската соработка меѓу Грција и Северна Македонија и надзор над воздушниот простор.

,, Со јасна изјава ја предупредив и новата Влада на Скопје дека кое било отстапување од Договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последици во нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа.За одредницата „македонски“, ова за жал е гарантирано во Договорот од Преспа и ова беше нашето големо несогласување, односно придавките македонска нација и македонски јазик, а не „северномакедонски”, рече Мицотакис.

Тој очекува македонската страна да ги почитува сите аспекти од Договорот.

,,Причината поради која претседателката во Скопје го смени ставот е нератификувањето на меморандумите? Бевме оправдани за нашиот избор бидејќи ја видовме опасноста. Нема да ги ратификуваме меморандумите додека не се увериме дека другата страна не ги почитува сите аспекти од Договорот од Преспа”, рече грчкиот премиер.

Коментирајќи ја вчерашната одлука на опозициската СИРИЗА да ги достави во Парламентот трите меморандуми, грчкиот премиер рече дека е пракса која „навистина ги достигнува границите на апсурдот“.

Во однос на постапката на лидерот на Грчко решение Кирјакос Велопулос да го скине Договорот од Преспа на собраниската говорница, рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади на Велопулос, кој има направено кариера врз овие прашања“ и истакна дека граѓаните сфаќаат што значи „одговорен патриотизам и кои се патриоти во пракса“.

На почеток