Македонија

Ќе има ли средба Сиљановска-Радев: претседателката ќе патува во Рим

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова заминува за Рим на 24. мај за чествување на св. Кирил и Методиј, но, целата агенда на делегацијата се уште не е готова. Од Кабинетот за „Скопје1“ велат дека дел од средбите се дефинирани. Но не е, евентуалната средба со бугарскиот претседател Румен Радев.

„Претседателката Гордана Сиљановска Давкова следната недела ќе ја предводи македонската државно-црковна делегација во посета на Ватикан и Италијанската Република по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, каде е предвидена аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск и средба со италијанскиот претседател Матарела“, велат од Кабинетот.

Прашани дали веќе има договорена средба со Радев, тие одговорија: „Подготовките и деталите за агендата на посетата се во тек и се утврдуваат, по што јавноста ќе биде информирана“.

Очите на јавноста се вперени во оваа средба, поради уставните измени кои преку францускиот предлог и преговарачката рамка ги бара Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ кажа дека под бугарски диктат – вакви уставни измени нема да има. Сепак, од нив зависи дали ќе продолжат преговорите на Македонија со ЕУ.

На почеток