Македонија

(Видео) „Циркузот“ во Карпош продолжува: Реквизитите работат, наместо да се демонтираат иако се нелегално поставени

Импровизираниот и див „Луна парк“ во Карпош веднаш до салата „Борис Трајковски“, наместо демонтажа, денеска непречено работи. На раскрсницата од булеварот има полиција, која не ја попречува работата. За исто време, децата се забавуваат на реквизитите за кои нема никаква дозвола за поставување.

Ова доаѓа откако пред шест дена, полицајци беа на терен и наложија паркот да биде затворен целосно.

„Од страна на инспекциските служби изготвени се Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, соопштија од Министерство за внатрешни работи.

Од Општина Карпош на чија локација е овој рингишпил негираат дека е издадена било какво одобрение за негово функционирање затоа што како што појаснуваат општината нема надлежност за издавање на вакви одобренија. Од општината ги повикуваат МВР, УЈП И Пазарен инспекторат да делуваат на овој случај.

„Очигледно се работи за насилник за кого законските процедури не важат, па според тоа надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација“, соопштија од Општина Карпош.

На почеток