Икс официјално дозволи објавување на 18+ фотографии и видеа
X од сега и официјално ќе дозволи порнографска содржина на својата платформа. Прикажувањето на порнографски и насилни содржини ќе биде блокирано за корисниците на возраст под 18 години и оние корисници кои ќе одлучат дека не сакаат да се прикажуваат такви содржини.
Вчера компанијата објави нови правила кои го формализираат она што е видливо на платформата. Одлуката доаѓа откако ширум светот расте регулаторниот притисок за платформи кои ќе ги спречат децата да пристапат до несоодветна содржина на социјалните мрежи, пишува Гардијан.
X, порано Твитер, не ги спречуваше луѓето да објавуваат содржини за возрасни на платформата. Корисниците кои објавуваат содржини за возрасни, вклучително голотија и секс, сега од X добија барање да ги приспособат своите медиумски поставки така што нивните слики и видеа ќе бидат поставени зад предупредување за содржина пред да можат да се видат.
Корисниците на возраст под 18 години или оние кои не го вклучуваат датумот на раѓање во својот профил нема да можат да ја гледаат оваа содржина. X посочи дека ќе открие што објавуваат корисниците, наведувајќи дека ако корисниците не ги означат соодветно порно објавите, тогаш „ќе ги прилагоди поставките на сметката за корисникот“.
Слични правила се во сила за насилни содржини, вклучително и насилен говор, т.е. оние што се закануваат, поттикнуваат, величаат или изразуваат желба за насилство или повреда.