Лавров: Русија сака само едно
Русија сака само едно – да нема безбедносни закани од Запад, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на форумот „Примаковови читања“.
Тој уште еднаш повтори дека Вашингтон нема да успее да ја зачува хегемонијата во светот, иако САД веројатно ќе останат еден од светските центри.
„Дури и САД да останат еден од светските центри, што најверојатно ќе биде така, тоа воопшто не значи дека светскиот поредок ќе биде таков што САД ќе имаат централно место во него“, објасни Лавров.
Министерот додаде дека пропаднала желбата на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да и нанесе „стратешки пораз“ на Русија, како и некои други аспирации на Вашингтон, кои не се однесуваат само на Москва.
„Генерално кажано, аспирациите и трендовите што ги следиме во практичната политика на администрацијата на Бајден не се нови, без разлика дали се работи за неуспешните идеи да и се нанесе стратешки пораз на Русија или прилично наивната желба истовремено да се контролираат Москва, Пекинг и сега Исламска Република Иран се добива впечаток дека владејачките елити во Соединетите држави не научија од нивните бројни надворешнополитички и воени неуспеси во последните години“, рече Лавров.