Каевски оперирал тетива, па не дојде на судење: Обвинителката решена да одговара со другите за штета од 5 милиони евра
Откако на првото рочиште не се појави првообвинетиот Дарко Каевски судењето за спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт се одлага за 9 јули. Авокатот на Каевски, Петре Шилегов кажа дека неговиот клиент е на домашно лекување откако му бил извршен оперативен зафат на тетивата. Покрај Каевски на обвинителна клупа ќе седнат и директорот на АМС, Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски.
Обвинителката Лидија Раичевиќ ги обвини дека направиле штета од над пет милиони евра е сторена во случајот со ваучерите на Агенцијата за млади и спорт.
„Случајот по многу нешта е специфичен, особено поради бројот на обвинетите, поради природата на кривичното дело, поради настаните кои се случувале и особено поради штетата која што е настапена, многу висока, изнесува над 5 милиони евра, рече таа.
Случајот се отвори откако Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе иницијатива до надлежниот обвинител дека постои сомнеж во доделувањето на спортските ваучери од страна на раководни лица од АМС. Веднаш потоа јавниот обвинител поднесе обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.
Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ.