Македонците нема да постојат ако не соработуваат со Албанците, се закани Ахмети
„Македонците можат да напредуваат само доколку се во добри и хармонични односи со Албанците, во спротивно ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците“. Со оваа реченица, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, упати нова порака до македонскиот народ, на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор. Тој исто така посочи дека треба конечно да се заборави сопственоста на државата, бидејќи сега сите заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на злото.
„А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат. Така што, нека биде ова комеморација на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор кој има посебна заслуга за тоа што оваа земја не беше поделена, не се раздели, затоа што не прифати ОВК, туку прифати целосен договор меѓу двете заедници и малите заедници во нивните области каде што живеат. Затоа, ние го штитиме, се бориме овој договор ниту да биде прекршен ниту загрозен, затоа што е спас и за Албанците и Македонците како две најголеми заедници. Сопственоста за која размислуваа во 1990-тите треба да се заборави затоа што заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на лошото. Во оваа ситуација, какви драматични и опасни случувања има во Европа, недалеку од нас , навистина сите треба да мислиме дека Европа е во пламен и во војна, изјави Ахмети.
Ахмети и коалицијата „Европски фронт“денеска со посебен настан во хотелот „Александар палас“ во Скопје го одбележа денот кога пред 23 години во претседателската резиденција на Водно беше потпишан Рамковниот договор. Во исто време Владата одржа свечена седница на која свои обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер Изет Меџити.
Ваквиот наратив на Ахмети доаѓа во време кога премиерот Мицкоски посочи дека очекуваат обиди за дестабилизација на Македонија од страна на ДУИ.