Свет

(Видео) Повеќе од 120.000 луѓе во Австралија без струја поради силно невреме: Една жена загина

Повеќе од 120.000 луѓе останаа без електрична енергија во јужна Австралија поради силните ветрови и дождови, соопштија денеска властите.

Жена (63) загинала кога дрво паднало врз колибата во која се наоѓала.

Во сојузните држави Викторија и Тасманија е причинета голема материјална штета, јавува Ројтерс.

„Ова е тажен и трагичен настан за семејството на жртвата и моите мисли и сочувство изразувам до нејзиното семејство и службите за итни случаи кои реагираа на овој инцидент“, рече викторијанската премиерка Џасинта Алан на прес-конференција.

Државната служба за итни случаи на Викторија примила повеќе од 2.800 повици во текот на ноќта, главно поради соборени дрвја и материјална штета.

На југоисточното крајбрежје дуваат ветришта со брзина од 150 километри на час, па остануваат на сила предупредувањата за тоа подрачје.

Властите на државата Викторија денеска ги советуваа луѓето да избегнуваат крајбрежни области поради бранови, области под карпи поради нестабилно тло и ниски области поради поплави.

Најмалку 121.000 луѓе и денеска се без струја, но, според Аланова, тоа е помалку од 180.000 луѓе кои останаа без струја во раните утрински часови.

На почеток