На опожарени места во Кисела Вода градење нема да има, дециден е Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, дециден е дека на опожарените места во Расадник, нема да има градење. Тој се заблагодари за интервенциите од сите кои учествувале во гаснењето. За полицијата посочи дека имала брза и професионална разрешница.
“Почитувани припадници на МВР, почитуван министер Панче Тошковски, дозволете ми да ја изразам мојата благодарност за брзата, професионална и експедитивна разрешница на случајот со подметнатиот пожар во Расадник, Кисела Вода. За жал, нечија детска игра може да донесе сериозни последици, како што беше случај кај нас пред 3 дена. Имено, се работи за тројца малолетници кои на територијата на Расадник, фрлале пиротехнички средства кои претходно ги запалиле со запалка, по што се запалила сувата трева. Пожарот брзо се рашири и изгореа над три хектари површина!”, објави Ѓорѓиевски
Тој упати апел до родителите.
“Против 14 годишниот поднесена е кривична пријава за ,,предизвикување општа опасност”, казниво по член 288 од Кривичниот законик. Благодарение на противпожарните екипи и брзата реакција, за што сакам и нив да им изразам длабока почит, МВР, населението и службите на општината спречивме катастрофални последици со кои можеше да биде трагично по животот на мојот народ, како и нивниот имот. Дозволете ми да апелирам и до родителите да внимаваат на своите деца, особено во вакви периоди на пожари. Детската игра може да биде фатална. Сите ние сме родители и сите сакаме најдобро за нашите дечиња, затоа треба и така да се однесуваме”, смета Ѓорѓиевски.
Градоначалникот е дециден – на опожарените места нема да има градење.
“А сега, откако се крена маглата кои некои сакаа да ја наметнат, особено оние кои планира 99 згради во Расадник според ДУП-от кој јас го поништив, уште еднаш сакам да потенцирам дека на опожарени места во Кисела Вода – НЕМА ДА ИМА ГРАДЕЊЕ! Уште еднаш, благодарам и поклон до земја за МВР, ЦУК, Противпожарната бригада и мојот храбар народ”, посочува Ѓорѓиевски.