Свет

(Видео) Илјадници луѓе евакуирани во Јапонија, доаѓаат поплави: „Се заканува голема опасност“

Обилни дождови синоќа ги погодија Јапонија и Јужна Кореја, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето, поради што беа евакуирани десетици илјади луѓе.

Денеска беше издадено предупредување за силен дожд за полуостровот Ното во јапонската префектура Ишикава, регион кој беше погоден од силен земјотрес за време на новогодишните празници, а метеоролошката служба соопшти дека областа сега е погодена од невидени врнежи, пренесува Кјодо.

Повеќе од 120 милиметри дожд на час е забележан утрово во регионот Ното во централната јапонска префектура Властите соопштија дека најмалку едно лице се води за исчезнато, додека многу куќи се поплавени во општина Ваџима. Медиумите јавуваат дека едно лице е живо закопано во одронот.

Јапонската метеоролошка агенција исто така предупреди дека атмосферските услови ќе бидат крајно нестабилни во североисточниот регион Тохоку поради навлегувањето на топол и влажен воздух во систем со низок притисок.

Обилните дождови ја погодија и Јужна Кореја, предизвикувајќи лизгање на земјиштето и поплави, принудувајќи повеќе од 500 луѓе да се евакуираат во јужните региони, додека многу патишта и згради се под вода.

Централниот штаб за катастрофи и безбедносни контрамерки објави дека рано утринава се евакуирани 506 лица од 342 домаќинства во провинциите Северен Гјеонгсанг и јужен Чунгчеонг поради обилните врнежи од дожд, пренесува новинската агенција Јонхап.

Обилните дождови поплавија и 54 делници од јавните патишта.

Министерството за внатрешни работи го подигна нивото на предупредување за обилни дождови на „алармантно“, а премиерот Хан Дук-су итно им нареди на службениците да ги мобилизираат сите расположливи административни ресурси за да се ублажат штетите и да се направат подготовки за дополнителни врнежи што ќе ги донесе тропскиот циклон Пуласан. до јужниот брег.

На почеток