Англискиот на директорот Христовски сега е во Обвинителство: му доставиле пријава за сертификатот
ОЈО Скопје отвори предмет по доставена анонимна кривична пријава, против директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски.
„До Основното јавно обвинителство Скопје е доставена анонимна кривична пријава, која е распоредена кај јавен обвинител и по која се постапува“, велат од ОЈО-Скопје.
Пријавата се однесува на јазичниот ТОЕФЛ сертификат на Христовски од бугарската јазична школа Јулија, чии сертификати се прогласени за фалсификати.
-Христовски нема меѓународно признаен сертификат за познавање англиски јазик, туку се користел со фалсификуван документ што претставува прекршување на Законот и кривично дело кое повлекува одговорност. Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори постапка соодветно на своите надлежности. Повикуваме на транспарентна исграта која точно и непристрасно ќе утврди кој го овозможил ова и кој е одговорен за скандалот, се вели во соопштението од СДСМ, па додаваат: „Скандалот со незаконското поставување директор на АНБ се проширува. Документи доставени до нас од свиркачи покажуваат дека Бојан Христовски нема вкупно 5 години стаж на раководна позиција, што е законски услов за да може да биде директор на АНБ“.
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) минатата недела отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор.