Завршена приказна е пратеничката која го блокираше Законот за бранители, изгубена доверба значи оставка, вели Кекеновски


Професорот Јове Кекеновски смета дека пратеничката Илире Даути на која и беше изгласна недоверба, не може да биде претседател на собраниската комисија каде беше заглавен Законот за бранители.
„Пратеничката Илире Даути не може и понатаму да ја извршува функцијата Претседател на собраниската комисија. Таа ја изгуби довербата на своите колеги. Во современи и демократски држави изгубената доверба автоматски значи оставка и тоа се прави на мирен, цивилизиран, доброволен и достоинствен начин – а собраниското мнозинство само ја констатира оставката.
Доколку не си поднесе оставка тогаш на потег е Комисијата за избори и именувања која треба да предложи друг кандидат за претседател на комисијатата и Собранието да изгласа нов претседател. Нека прекинат пратениците да импровизираат и погрешно да ги интерпретираат одредбите од Деловникот за работа на Собранието. Приказната е завршена“, напиша тој.
Илире Даути очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да свика пленарна седница, на која ќе биде укинат заклучокот што беше усвоен минатиот петок во врска со барањето за нејзино отповикување од позицијата претседател на Комисијата за социјална политика.
Тоа што беше изгласана интерпелација на пратеничката Илире Даути за позицијата претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, нема правни последици, повтори денеска, 14 јануари, претседателот на Собранието Африм Гаши, по низата партиски реакции.
„Важно е да се напомне дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците“, вели Гаши.
Илире Даути не дозволуваше Законот за бранители да биде ставен на дневен ред и го блокираше. Поради ова беше поднесена интерпелација.
