УПОЗ бара средба со Владата, се закануваат со порадикални чекори
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани(УПОЗ), денеска поднесе формално барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски, соопшти претседателот на синдикатот, Трпе Деаноски.
Барањето за средба, доаѓа откако изминатите денови имало, како што ги нарече Деаноски, декларативни соопштенија од страна на Владата преку кои ги канела на средби преку медиумите.
„Формално ние не добивме покана за продолжување на дијалог“, рече Деаноски за време на денешниот протест кој вработените во седум министерства и две институции го одржаа пред зградата на Министерството за финансии.
Деаноски го изнесе ставот дека дијалогот не се води преку соопштенија и медиуми. Дијалогот, рече, еднострано бил прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата од 30 проценти за вработените што протестираат.
„Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати оваа подадена рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање решение за нашите барања.Во спротивно, повторно ќе ги активираме протестите, а ќе ги искористиме и сите со закон дадени можности за изразување на незадоволството на работниците се до остварување на барањата”, рече Деаноски.
Деаноски не ја исклучи можноста и за тужба против државата, но рече дека прво ќе дадат шанса за продолжување на дијалогот.
„Имаме разговарано, и вчера на состанокот што го одржавме со синдикалните организации, прво ќе чекаме, ќе дадеме шанса за продолжување на дијалогот, ако не ќе ги продолжиме протестите, се размислува за одење на штрајк и за тужби до државата“, одговори Деаноски.
Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив. Тие веќе четврти ден излегуваат на полчасовен протест пред зградите. Протестите се одржуваа од 11 до 11:30 часот.