Штекли со над десетина лица од неговата банда се уапсени, ќе се бараат притвори


Над десетина лица се уапсени, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе бара притвор за петнаесетина лица од групата на Раде Трајковски-Штекли кои се уапсени во голема акција, дознава „Скопје1“. Веќе изутрина, треба предлозите за мерки за обезбедување присуство да се достават до Кривичен суд односно судија на претходна постапка.
Обвинителот дал наредби за претреси на над 30 локации во Скопје и само една во Гевгелија, каде беше уапсен Штекли.
Во претресите, засега е познато дека се одземени пари, ресивери за снимање на видео надзори со снимки, телефони, лаптопи, уреди за меморирање податоци.
Сомневањата се дека групата дејствувала со картелот „Беланоца“. Долг временски период се водела предистрага од страна на обвинителот, во која се собрани информации за начинот на делување на групата. Се испитувале и сомневањата дека Трајковски-Штекли и останатите од групата, имале дојави од службени лица во МВР, кои ги штителе за да не паднат во рацете на полицијата.
Штекли беше скоро непознат за јавноста се до 2023 година, кога во него, двапати беше пукано во трговскиот центар „Ист гејт мол“. Тогаш протекоа информации дека пукањето кон него е поврзано со дрога и борбата на нарко клановите за скопскиот пазар, за што сега има акција.
Последно, кон домот на Раде Трајковски-Штекли беше фрлена бомба, по која, тој почна да го шета светот и да објавува фотографии од различни локации. Од бомбата, остана неповреден, а заврши во полициска станица од каде објави и фотографија
