Револт, гнев и тага: Пријателите се простуваат од Игор Југ, згрозени се што не дочека слобода и правда
Осудените за „27 април“ со кои ја делеше судницата, адвокати, пријатели се простуваат од Игор Југ, кој почина на 52 години. Тој и неговиот правен тим подготвуваа барање за повторување на постапката. Почина како осуденик, покрај тврдењата дека не сторил ниту тероризам, ниту терористичко загрозување на уставниот поредок.
Горан Ангелов-Ќосето, со кого делеа затворска ќелија во прилепскиот затвор напиша: „Почивај во мир Игор …Не дочека синот да го видиш ,не дочека слобода …не изедоа по затвори!“
Митко Чавков, исто така осуден за „27 април“, напиша: „Почивај во мир Игор. Чесен и исклучителен патриот, едноставен, директен и правдољубив, таков те запознав во мојот живот и таков ќе останеш засекогаш. Како што повеќе пати сум пишал, речиси сите се запознавме во судската сала во КУЌАТА на НЕПРАВДАТА. СУДБИНАТА наша и на нашите семејства ни ја определија безобзирни КРИМИНАЛЦИ кои во нас гледаа само СРЕДСТВА за постигнување криминално-политички цели! Длабоко го разбирав твојот јад, гнев од неправда, гнев заради чувството на отфрленост, само пред неколку дена зборевме и се охрабрувававме да издржиме со надеж да дочекаме правда. Игор, за мене во моментот кога ја чув веста, СМИСЛАТА за молење за правда, престана. Најди го мирот во царството небесно“.
И Зорица Чавкова, адвокатка и ќерка на Митко Чавков, се прости од Југ.
„Од денес… ништо нема смисла. Почина Игор Југ… Носете го на душа сите прозвани во неговите статуси! Душата му страдаше заради неправдата, страдаше од предавници, кодоши, јуди, лицемери, ѓубриња, измамници, преваранти, болесници….ги презираше, срце му пукна.
Сега почивај мирно легендо! Оставаш ќеркичка, бебенце уште неродено… нема да бидат сами“, напиша Чавкова.
Драган Пешевски, адвокатот кој го бранеше Југ изминатите години во случајот „27 април“, ја карактеризираше државата како убиец на Југ.
„Игор Југ не дочека да го види светлото на денот, а да не е преку решетки. Неправилно осуден, фамилијарен човек, сопруг татко, мој другар. За нешто што не направил (ова одговорно го тврдам) коските му скапаа по зандани а неговиот цврст карактер и неговата пркос не му дозволија да се помири со неправдата. Државата и политиката го затворија и убија а неговото семејство го оставија на милост и немилост!!! За жал не издржа и неговото срце застана утрово… Нека му е лесна земјата и светол патот. Поздрав Игор!!!“, напиша Пешевски.
Никола Димитриевски, осуден за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април исто така се прости од Југ.
Ако некој беше најреален тоа беше ти,ако некој беше најборбен тоа беше ти,ако некој ја кажуваше вистината во лице тоа беше ти!!!! Летај во височините Бате мој и Херој на Македонија!!! Бог да те прости и Вечна ти слава Игор Југ“, напиша Димитриевски.
Адвокатот Јанаки Митревски, напиша дека на душа ќе го носат тие што го искористија и оставија во затвор.
„Игор Југ починал утрово од срцев удар. Не доживеа да види слобода. Бог да го прости и на душа нека го носат оние кои прво го искористија па го оставија да изгние во зандана!!! А и оние кои го затворија сто години за “носење на пиштол” кој никој не го видел!“, напиша Митревски.
Од Југ се прости и Вилијам Михајловски, друг осуден за „27 април“.
„Вечна ти слава Брат мој. Реферати нема да пишувам, само ќе кажам дека чест ми беше што те познавам. Сочувство до семејството“, напиша тој.