Паркирањето на Клинички ќе поскапи на 50 денари/час откако со него ќе раководи „Ѓока констракшн“ од Албанија


Ќе поскапи паркирањето на Клиничкиот центар во Скопје, обзнани министерот за здравство, Арбен Таравари. Тоа ќе се случи откако раководењето ќе го преземе фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија. Таравари споредуваше цени на паркингот низ трговските центри, со цените на паркингот на Клинички, на што новинарите му кажаа дека пациентите не одат за шетање на Клинички.
„Сметам дека не е цена која е многу висока. Паркирањето во ‘Рамстор’ чини 60 денари, а кај ‘Нова Македонија’ 40 денари. Има места во Скопје каде паркирање чини по 100, 150 денари од час“, рече Таравари.
Според него, договорот на албанската „Ѓока констракшн“ не е 20 години да стопанисува со паркингот, туку тоа ќе го прави додека таму е Клиничкиот центар.
„Морам да кажам дека не се однесува договорот за 20 години, туку услов во договорот е дека фирмата која ќе го добие тендерот ќе стопанисува со паркингот додека е на тоа место Клиничкиот центар. Јас не верувам дека повеќе од 7-8, еве и 10 години таму ќе остане Клинички. Затоа и немаше интерес од компаниите, да беше на подолг рок ќе се пријавеа повеќе“, рече денеска Таравари.
