Во Скопје се обновува и заштитува постојното и се подигнува ново зеленило. За само една година екипите на Град Скопје реконструираа 129.000 квадратни метри, а засадени се над 8.000 висококвалитетни садници на повеќе локации во градот.
Градските власти велат дека акцент бил ставен на засадување нови дрвореди и обновување на постојните. Од оваа година Скопје е побогат и за неколку нови паркови.
Екипите на Град Скопје работат на хортикултурно уредување на зелен плоштад на булеварот „Гоце Делчев“, на просторот зад Филхармонија. Во овој дел, на површина од 7.300 квадратни метри ќе се постави хидрантска мрежа и ќе се засадат стотина висококвалитетни листопадни садници.
Со зеленило ќе се уреди и дворот на Министерството за култура. Зелената површина од 300 квадрати ќе ја разубават 20 висококвалитетни листопадни садници.
На просторот кај последната постојка на автобусот со број 41 во Драчево никна нов парк, на местото каде што до неодамна имаше дива депонија. На површина од околу 5.500 квадратни метри се засадени 200 висококвалитетни садници и е поставена нова хидрантска мрежа со прскалки, шахти и хидранти. Во паркот ќе се постават и нови клупи и корпи за отпадоци.
Финскиот парк во населбата Ченто е реконструиран и хортикултурно уреден на површина од околу 13.000 квадратни метри. Во паркот е подигнат нов тревник и за првпат е поставена хидрантска мрежа со прскалки, шахти и хидранти.
Уреден е и паркот до Градежниот факултет, на булеварот „Партизански одреди“. Реконструирана е јавна зелена површина од 2.149 квадратни метри и е поставена хидрантска мрежа со хидранти, шахти и систем за полевање со прскалки.