Македонија

Возила кои стоеле запуштени осум години сега спасуваат животи – државата заштедила десетици милиони евра, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Пепелиште порача дека државата е поподготвена од кога било досега за справување со пожари, благодарение на акцијата за обнова и пренамена на полициски и армиски возила, кои стоеле запуштени повеќе од осум години.

„Ја видовте демонстрацијата – возила што не биле запалени со години, денес се во функција на заштита на животот и природата. Сезоната на пожари е веќе почната, но оваа година сме далеку подобро опремени“, истакна Мицкоски.

Тој се заблагодари на сите институции и општествено одговорни компании кои помогнале во процесот – од вицепремиерот Љупчо Димовски, министрите Мисајловски и Тошковски, до градоначалниците на Кавадарци и Неготино, како и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Според Мицкоски, со оваа активност државата заштедила неколку десетици милиони евра, а капацитетите за интервенција се драстично зголемени. Во функција се ставаат и два полициски и два армиски хеликоптери, а до крајот на јули се очекуваат уште два противпожарни авиони.

„Во однос на минатото – нема споредба. Ова е највисоко ниво на подготвеност до сега“, додаде премиерот, најавувајќи и засилени контроли и забрана за движење во шумски подрачја без дозвола, како дел од новите мерки за спречување пожари.

На почеток